Актуелно

За СДСМ, Владата има најдобри политики за буџетот

Од овој месец македонските компании можат да учествуваат на јавните тендери на НАТО. Законските измени веќе се направени и стапени на сила за оваа огромна можност за македонските компании, соопшти СДСМ.

„ 5 милијарди евра изнесува годишниот буџет за којшто може да конкурираат македонските компании. Членството во НАТО делува како катализатор за подобрување на економските потенцијали на земјите членки. Дека спроведуваме добри економски политики покажуваат сите економски параметри.

Република Северна Македонија во првите шест месеци од годината бележи раст на извозот на стоки од 39,1%, споредено со истиот период лани. Извезени се стоки во вредност од 3,4 милијарди евра. И во услови на криза, просечната плата постојано расте и достигна 28.721 денари. Ова е исклучително важно за подобрување на економскиот стандард на нашиот народ.

Успеавме да ја намалиме невработеноста на историско најниско ниво од 16 отсто, и покрај сериозните предизвици предизвикани од пандемијата. Оваа година, индустриските зони бележат највисока рекордна активност во изминативе дваесет години.

Сите пакети антикризни мерки ја оддржаа стабилноста на најпогодените во време на здравствена и економска непогода и овозможија во најбрз можен рок да се создадат услови за закрепнување и развој. Имаме за над 20% повисоки наплатени приходи споредено со 2020 година.

Овие економски показатели се вистинска потврда дека Владата на СДСМ има добро осмислена економска политика и мерките кои се реализираат даваат резултат. Буџетот е ликвиден, државата пред две недели се раздолжи за 500 милиони евра за еврообврзницата, која минатата власт ја зеде со превисоки камати за да ја троши за најнепродуктивни цели.

СДСМ како одговорна партија продолжува со реализација на економската програма во интерес на граѓаните, фирмите и на државата“ се наведува во партиското соопштение.

На почеток