Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција информираше дека пожарот во Сарај е специфичен бидејќи откако ќе го изгасне подземно се гледа само чад кој на некои места повторно избива во пламен.
– Припадници на специјалната полициска единица заедно со француските експерти ги изгаснаа сите жешки точки кои беа видливи. По нивното симнување повторно забележавме чад и се разви пожар во една точка. За утре е договорено 30 припадници на специјалната единица со соодветна опрема, придружувани од француските експерти и четворица Французи кои работат со специјални дронови со термални камери што можат да откријат и оган кој гори под земја, да ги најдат жешките точки што не се видливи од хеликоптер, вели Ангелов.
Се уште е активен пожарот над селата Буковиќ и Раовиќ, на планинската страна Осој. Се работи за непристапен терен, каде се дејствува со два хеликоптери на Армијата за да се изгасне. Се уште е активен и пожарот кај Барово, во Неготино, Демир Капија. Гори сува трева и нискостеблеста шума на тешко пристапен терен. Интервенираат противпожарни возила, комуналното претпријатие и припадници на Шумското стопанство.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека е локализиран пожарот во село Дивље, во скопската општина Петровец. Од ЦУК информираат дека добиле инфорамции од Шумско стопанство „Караџица“ дека локалната самоуправа прави се и оти овој пожар е локализиран.
Територијалната противпожарна единица Виница информира дека пожарот на градската депонија е локализиран, но се уште тлее. Јавното комунално претпријатие „Солидарност“ е во постојана контрола на депонијата.