Вицепремиерот Љупчо Николовски немаше одговор кога законот за конфискација на нелегално стекнат имот ќе влезе во собраниска процедура. За него, поважни беа други прашања околу оваа материја. Тој тврди дека за законот има поддршка од меѓународната заедница.
„Не може да стане збор за кога, поважно е што конечно се усвои физибилити студијата на која работеше мојот тим и што имаме драфт верзија на која ќе дискутираме. Советот на Европа во мојот тим препозна чесност, одговорност, истрајност, генерација која сака да направи промени во државата и даде целосна поддршка на целокупниот процес. Ова покажа дека малку луѓе со голема меѓународна поддршка, туркаат голема генерациска поддршка за да се донесе законот за потекло на имот. Секој имот кој не се знае од каде е, ќе биде проверен, ќе биде проверен капиталот на функционери, екс функционери, граѓани. Работат многу судии и обвинители, со цела поддршка се изненадени од процесот“, посочи тој.
Николовски смета дека на овој начин се враќа довербата кај граѓаните.
„Имаме луѓе во затвор со правосилни пресуди, а државата не може да ги реализира правосилните пресуди за конфискација на имот. Многу луѓе сметаат дека и да се на функција и да идат во затвор, тоа што ќе го создадат, ќе го уживаат како благодет подоцна. Со ова демотивираме да се префрла имот на други и трети граѓани, па да се враќа на тие кои со кривични дела дошле до имот, пари. Ова е еден долг кон сите генерации, за да направиме крупна промена во општеството“, додаде тој.