Скопје

СДСМ тактизира за Центар, се очекува пресврт: Герасимовски се „турка“ без поддршка, Богдановиќ е пречка?

СДСМ до последниот рок нема да го каже кандидатот за градоначалник на Центар за локалните избори. Анкетите се завршени одамна, но се тактизира. Генералниот секретар Љупчо Николовски тврди дека кандидатот не е соопштен бидејќи повеќе имиња се во игра, но неофицијалните информации од партијата говорат друго. Според одредени информации, кандидатот ќе биде соопштен во вторник, се со цел да нема можност до истекот на рокот кој завршува во понеделник, да се собираат потписи за независна кандидатура.

Ова, остава впечаток за обид за елиминација на актуелниот градоначалник, Саша Богдановиќ кој ни самиот не знае која ќе биде одлуката на партијата. Слична ситуација имаше во Куманово, каде актуелниот градоначалник Максим Димитриевски за еден ден ги собра потписите за независен кандидат, откако СДСМ до последно молчеше дали одново ќе биде нивни кандидат.

Но, сепак, кружат шпекулации дека Богдановиќ има и „план Б“ за без СДСМ да се појави на претстојните избори. Тој најави дека нема да биде независен кандидат, но, се зборува дека има партија која би го кандидирала актуелниот градоначалник доколку СДСМ не сака. За истово, нема потврда ниту демант од Богдановиќ, кој во јавност досега не излезе со детали што доколку остане без кандидатура од матичната партија.

Функционери од СДСМ засега го форсираат претседателот на општинскиот одбор во Центар, Горан Герасимовски да биде кандидат за градоначалник во општината. Неговото име постојано кружи во медиуми кои се повикуваат на партиски извори. Впечатокот на јавноста е дека на овој начин се проверува пулсот на жителите на Центар, за тоа дали ќе му дадат поддршка, иако, неофицијално на анкетите не котирал високо. Поради ова, се отвора прашањето дали Богдановиќ ќе биде кандидат на друга партија доколку не биде кандидиран од СДСМ, а со оглед на слабиот рејтинг на Герасимовски. Засега, Герасимовски молчи на оваа тема и се нема произнесено во јавност.

Меѓу останатите имиња кои поднеле документи да бидат кандидати за Центар покрај Богдановиќ и Герасимовски се директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ, како и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Бухова.

Засега за сите информации нема став од СДСМ. Единствено познато на јавноста, а од изјавата на генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски е дека СДСМ има предност во Центар, без да објави кандидат.

На почеток