Македонија

Попишувачите не се жалат дека не им отвораат врата, втор ден одат од дом во дом

Започна третиот попис на три дена пред одбележувањето 30 години независност на Репубика Северна Македонија. Во текот на вчерашниот ден попишани се 91.681 лица, 28.355 домаќинства и 37.404 станови што претставува повеќе од успешен почеток на најголемата статистичка операција во земјава. Првиот ден помина без забелешки, а државниот врв, партиите и невладините организации повикаа граѓаните да соработуваат.

Пописот започна без одбивање за попишување од страна на граѓаните, а не бил пријавен ниту каков било технички проблем, изјави вчера директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.

Ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци и да не подлегнуваат на иницијативите кои повикуваат да не им се отвара врата на попишувачите. Повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на вирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации кои мора да ги покажат.

Надлежните потенцираат дека операцијата ќе биде безбедна со оглед на тоа што се спроведува во услови на пандемија на Ковид-19 и тоа во четвртиот бран, кога изминатиов период бележиме зголемување на бројот на заразени. Велат пописот ќе се спроведе безбедно со почитување на здравствените протоколи и не постои никаква шанса за ширење на вирусот.

Претседателот Стево Пендаровски вчера во интервју за Радио Слободна Европа нагласи дека не очекува дека поради политички тензии некој може да ги компромитира резултатите од пописот.

-Ние не можеме сосема и да сакаме да излеземе комплетно од таа матрица на пребројување по етничка припадност оти во нашиот Устав има одредба дека одредени права и статуси им припаѓаат и на оние немнозински заедници кои се најмалку 20 отсто од популацијата, така што тоа е одредба од Рамковниот договор, тоа е одредба од нашиот Устав, мораме да ја почитуваме, инаку се согласувам како што одминуваме, неодамна прославуваме 20 годишнина од Рамковниот договор, мислам дека пребројувањето само и само по етничката припадност треба да стане дел од историјата, истакна Пендаровски.

На почеток