Премиерот на Република Македонија Зоран Заев веќе три дена по пожарот кој ја зафати модуларната болница во Тетово, нема дадено изјава за медиумите.
Вечерта на 8 септември тој пристигна во Тетово, каде заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и министерот за здравство Венко Филипче направија обиколка на модуларната болница, на кратко разговараа и со роднините на лицата кои биле во болницата, но не се соочија со медиумите.
Веднаш потоа во зградата на општината беше свикан Кризен штаб. По завршувањето на состанокот Заев не даде изјава за медиумите. На поминување рече дека не сака да шпекулира, а официјалните информации ќе остави да ги соопштат надлежните институции.
Следниот ден на седница на владата преку писмено соопштение медиумите беа известени дека е прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава, како и дека ќе се обезбедат странски експерти за истраги при експлозии и пожари.
Посета на модуларната болница направи и претседателот на државата Стево Пендаровски.
„Инсистирам секогаш да има одговорност и морална и политичка и субјективна и објективна, но не можам да твордам во овој момент бидејки не знам дали постои основ за таква одговорност. Ние како држава мора да направиме темелна истрага за да нема сомнеж дека некој нешто прикрива“, изјави Пендаровски.
Во меѓувреме министерот за здрвство Венко Филипче имаше две прес-конференции, а вчера ја понуди својата оставка.
Во моментов се чека на премиерот да одлучи дали ќе ја прифати понудената оставка.
