Македонија

Оставката на Филипче не значи негово заминување, новинарите не можеа да постават прашања

Заминувањето на Венко Филипче од функцијата министер за здравство се уште не е конечно. Последниот збор и право на одлука го има Владата и премиерот Зоран Заев. Интересно е што Филипче кажа дека поднел писмена оставка, но не кажа дека истата е неотповиклива. На прес-конференцијата немаше можност за поставување на прашања од новинарите, ниту пак вклучување на новинари. Всушност, тоа беше четири минутно обраќање. Па така, немаше можност да се праша што се промени од вчера до денес, бидејќи претходно тој кажа дека не се повлекува од Министерството за здравство.

Засега, се молчи и од Влада. Никој не кажува дали оставките на Филипче и неговиот заменик Илир Хасани кој исто така поднесе оставка, ќе бидат прифатени. На тоа има право премиерот Заев. Ваква ситуација веќе имаше во Владата на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кога тогашниот премиер не ја прифати оставката на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој сакаше да се повлече од морални причини поради бродската несреќа во Охрид во 2009 година.

Вчера, првиот човек на македонското здравство кажа дека нема да замине додека не заврши истрагата, а се со цел, да може да менаџира со кризата од коронавирусот. Одлуката ја промени денеска, а ова е четврта оставка во еден час. Претходно, освен министрите, од функциите се повлекоа и директорите на тетовската болница.

На почеток