Лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев реагираше откако министерот за здравство понуди писмена оставка до премиерот Зоран Заев. Тој смета дека станува збор, за како што пишува „финта“, бидејќи Филипче не дава туку нуди оставка, за која треба одлучи Владата дали ќе ја прифати.
„Нас ли овие финти, бе министре? Оставка се дава како еднострана изјава на неотповиклива волја! Оставка не се нуди на некој (во случајов премиерот т.е. Владата), па да оставаш шанса да не ти ја усвојат – како што, ваљда, сте се договориле за да и замачкате очи на разгневената јавност. Оти, оставката од морални причини не зависи од ничија друга волја, освен од онаа на подносителот! Ама за тоа, треба да имаш етичка внатрешна вертикала и доблест која ти, за жал, не ја поседуваш“, напиша Апасиев.
Иако вчера рече дека ќе чека да заврши истрагата, министерот за здравство Венко Филипче даде оставка од функцијата, како што веќе објави „Скопје1“. Причината за ова е моралната одговорност откако во Тетово изгоре модуларната болница и одзеде 14 животи на пациенти. Тој по констатирањето на оставката се враќа неврохирургија.
„Пред граѓаните стоев транспаретно, никогаш не бегав од критика, не останав должен за одговор. Сите одлуки кои ги донесовме беа со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Последната трагедија многу ме погоди, жалам за загинатите. Нема зборови за тоа да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет затоа од морални причини понудив пишана оставка. Сакам да се заблагодарам на сите кои веруваа во мене. Сакам посебно да се заблагодарам на медиумите за нивната транспарентност и посветеност која ја добив во најтешките моменти“, рече Филипче.