Зоран Милевски Кичеец, осуденик на три години за случајот „Рекет“, ќе биде уште викендов во притвор, дознава СДК, по сообраќајната несреќа во која тој учествуваше, а во кое загина едно лице.
Гостиварскиот основен суд вчера доцна попаладне го укина 30 дневниот притвор на Зоран Милески – Кичеец. Веднаш потоа решението е испратено до затворот во Шуто Оризари, каде што ја издржуваше мерката притвор. Тоа значи дека тој се враќа на издржување на затворската казна во затворот во Струга.
Во меѓувреме Кичеец ќе го чека обвинението за сообраќајката, по што треба да биде појасно каков ќе биде неговиот затворски третман.
Кога ќе биде поднесено новото обвинение, тогаш директорот на затворот Струга треба да формира комисија и таа одлучува за укинување на привилегиите што ги имал до сообраќајката.
Соговорниците од Управата немаат одговор што ќе се случи од понеделник со слободното движење на осуденикот Милески. Велат дека тоа е ингеренција на директорот на затворот во Струга и дека за случајот на Милески, ќе се бара решение во Законот за извршување на санкциите.