Коментари

Најверојатно никогаш никој нема да одговара за пожарот во тетовската болница, професорот Трајковски со анализа

Како што стојат работите, најверојатно никогаш никој нема да одговара за големиот пожар во тетовската болница, разочарано пишува професорот Дејан Трајковски на Фејсбук. Тој на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави анализа за тоа кој е виновен за трагедијата која настана откако пожарот во модуларната болница во Тетово одзеде 14 животи.

„До пожарот и жртвите веројатно никогаш немало ни да дојде доколку кај инвеститорот на модуларните болници (владата, односно МЗ) ги читале и се придржувале до препораките од Европската комисија, поточно на Здружениот истражувачки центар, којшто од порано донел низа препораки за градба на болниците, по избувнувањето на дваесетина пожари во разни ковид центри ширум светот, како последица на високата концентрација на кислород во воздухот.
Чиновникот којшто го составувал текстот на тендерот овие препораки сигурно не ги прочитал, неговиот шеф уште помалку, а конструкторот во градежното претпријатие – ич. Формално-правно сé било во ред (хартијата трпи сé) , но суштински сé било промашено уште од самиот почеток. Несреќна комбинација на незаинтересираност, неукост и неодговорност.

Што да очекуваме сега? Државните институции да ја гонат самата држава односно нејзините институции за сторените пропусти, односно непостапувањето по препораките на Европската комисија? Сите знаеме дека во Македонија тоа е невозможна мисија. На пример, ќе кажат дека не сме биле членка на ЕУ и не сме биле обврзани да ги спроведуваме препораките, а тоа што изгореле луѓе немало врска. Дури ќе го иссмеваат тој што ќе им укаже на пропустите. Типичен итарпејовски начин за решавање на проблемите.

Иако извесна вина сноси и градежното претпријатие, таа е неспоредливо помала од вината на инвеститорот и нивните погрешни барања. Дури некој и да слушнал за препораките, по нашиот стар обичај веројатно одмавнал со рака и рекол: „Нема гајле, модуларните ќе вршат работа“. Вршеа додека вршеа, додека не се појави Марфи.

Но, тука не завршува приказната. Овие модуларни болници од пеколот продолжуваат со работа. Како што рековме, формално-правно сé е во ред, директорката ВЕРУВА дека се исправни, директивите од Европската комисија не им се важни. Есенва низ нив ќе поминат уште многу ковид-пациенти, кислородот ќе продолжи неконтролирано да истекува, запалливиот полиуретан останува во ѕидовите и таваните, електричните инсталации се такви какви што се, со еден збор – катастрофата чека повторно да се случи.

Практично е невозможно да се заменат градежните материјали, единствено што може да се стори е да се постават противпожарни апарати и да се обучи медицинскиот персонал за гаснење на пожарите. Незамисливо е да се вработат противпожарни тимови за 24/7 бдеење во овие импровизирани болници, знаејќи дека одвај има и медицински персонал.
Што може друго да се направи? Во наши услови речиси ништо. Ќе продолжи драмолетката со поднесување и одбивање оставки и ќе се замајува народот со несуштински работи уште извесно време.

Така се враќаме на почетокот, најверојатно сé ќе продолжи како што тргнало и никој нема да одговара за ништо. „Појео вук магарца“ – велат Србите. Како и обично, во една нефункционална држава“.

На почеток