Македонија

Заев: Ако ги вратиме животите на овие 14 луѓе, не само оставка туку би заминале од политиката и не би се вратиле

До крајов на неделава, премиерот Зоран Заев очекува да ги добие извештаите кои треба да одговорат што е причината за пожарот во тетовската болница кој одзеде 14 животи. За 10 дена, пак, треба да стигне и извештајот од германските истражители.

„Тоа што сум информиран од МВР, кои соработуваат со претставниците, извештајот од германските истражители ќе е за 10 дена. Нашиот секако ќе е и порано. Времето е важно, граѓаните очекуваат одговорност што се случило, кои се причините. Јас лично ако ме прашате кога очекувам, очекувам до крајот на неделава да излезат извештаите. А кога ќе излезат тоа е до републичкиот обвинител. Согледувањата се направени. Замолувам побрзо да се направат извештаите, граѓаните очекуваат одговорност“, рече Заев.

Заев смета дека можеби ќе ги прифати оставките, а можеби не, тоа зависи од истрагата. Тој смета дека тоа би значело дополнително обучување на луѓе кои би менаџирале со корона кризата. Заев смета дека мора да се смисли колкава е вината, како луѓето кои понудија оставки работеле, што понатаму.

„Ако ги вратиме животите на овие 14 луѓе, не само што би дале оставка, туку би заминале од политиката и не би се вратиле. Но не можеме да ги вратиме! Модуларните болници е пациентите да не седат по паркинзи. Целта беше исполнета, таму се сместуваат граѓани заболени од ковид-19. Ние не градевме болници, тоа се модуларни контејнери. Тие се секаде во светот така поставени. Замолувам за целосно споделување на вистината. Јас реков никој не е венчан за ниту една функција. Функцијата е обврска како што е право. Јас можеби нема да ги прифатам, но можеби и ќе ги прифатам оставките. Моралната одговорност е направена. Ми требаат податоци, за да одлучам што со пандемијата, дали ќе треба некој да обучуваме во нови шест месеци“, додаде Заев.

На почеток