Актуелно

Бајрами: Половина час е минимално време што секој објект треба да го издржи при пожар

Во случајот со тетовската модуларна болница, не е битен изворот на пожарот, туку дали објектот бил изграден замајќи ги во предвид барањата за заштита од пожар предвидени и со закон, според кои тој во целина требало да биде отпорен на пожар најмалку 30 минути, вели за Фокус градежниот инжинер Неџат Бајрами. Според него, тоа време е потребно за евакуација на пациенти, кадар и евентуално опрема. Исто така, додава тој, мора да се обезбеди дека објектот нема да се сруши за минимално време проектирано на отпорност од пожар.

–Согласно увидот во снимките направени од очевидци од местото на настанот, за жал, целиот објект го зафаќа оган и целосно гори во рок од неколку минути. Во суштина, независно од изворот на причинување на оган, се заклучува дека целиот објект гори за неколку минути. Надлежните органи потребно е да одговорат на прашањето како целата модуларна болница изгоре за толку краток период. Изворот на пожар можело да биде од различна природа, но тоа не значи дека модуларната болница требало да изгори во рок од неколку минути – вели Бајрами.

Доколку се користеле соодветни материјали согласно намената на објектот и имало соодветни системи за заштита од пожар, истакнува тој, последиците од пожарот немало да бидат фатални како во случајот со модуларната болница во Тетово. Притоа, Бајрами упатува и на таканаречените ПУР-панели од кои била изградена болницата, посочувајќи дека и во самата декларацијата на секоја полиуретанска пена (polyurethane foam) стои дека е лесно запалива.

По избивањето на пожарот во тетовската модуларна болница, се води истрага за причините на пожарот, а предмет отвори и Јавното обвинителство. Како што велат од Министерството за здравство, специфкацијата за изградба на модуларните болници е направена согласно стандардите на Светска здравствена организација за поставување на ваков вид објекти. Исто така, од МЗ посочуваат дека модуларните болници се изградени врз основа на проект изработен од Комисија составена од членови од ова министерство и од Министерството за труд и социјала, а потоа се примопредаваат на управување на јавните здравствени установи.

На почеток