Видео и Фото

ВИДЕО: „Изорано“ зеленилото покрај Партизанска во Карпош 4

Зелените садници на булеварот Партизански одреди во Карпош 4, делот кој се протега од „Сити мол“ до ТЦ „Антико“ се отстранети. Ова доаѓа откако претходно, дел од тревата беше целосно исушена. Жителите на овој дел од Скопје постојано реагираа поради тоа што садниците се уништуваа, а освен кратење на тревата, не се преземаше ништо за тоа да се спречи. Во овој дел на Карпош, во садниците, има и систем за наводнување кој е целосно уништен. По отстранувњето на тревата, се гледа како дел од цевките се искинати и не функционираат. Жителите велат дека работниците веќе им најавиле дека веројатно овде повторно ќе има садници со трева, иако, засега на терен не се работи.

За овој потег на Општина Карпош раководена од Стефан Богоев реагираше и некогашниот градоначалник и сегашен кандидат, Стевчо Јакимовски. Тој смета дека ова што се прави не е домаќински.

„Од мостот Обединети нации до Рузвелтова и назад направивме жардинери за да несовесните возачи не ги паркираат возилата во тревата. Избушивме бунари, поставивме хидрантска мрежа и систем капка по капка за да можеме да ги наводнуваме цвеќињата и тревата. Цвеќињата веќе 4 години ги нема, системот капка по капка е разграбан а сега гледате како бездушно ја уништуваат и поставената хидрантска мрежа. Домаќински нема што!“, реагираше Јакимовски.

Жардинерите стојат „изорани“ веќе цела недела.

На почеток