Министерката за правда Рената Дескоска објави статус на социјалната мрежа Фејсбук во врска со смртта на градоначалникот на Општина Охрид, Јован Стојаноски.
„Со Јован се запознавме преку политиката и соработувавме коректно и професионално. Вчера на средбата на ЗЕЛС со Владата во Александар Палас седев до него. И по разговорот за професионалните предизвици негови и мои, прв пат започнавме и приватен разговор. Со гордост и радост ми кажуваше за неговите деца, за нивните студии.
Се зачудив дека има 24-годишно дете. Со неговата позната насмевка ми рече: “Млад се женев.” Зборувавме за тоа што е најважно во животот. Денес тие зборови ми звучат уште повистинито.
Во шок сум од веста што ја примив денес! Во вакви моменти човек се потсетува за вистинските вредности во животот, а особено за вредноста на животот. Почивај во мир! Охрид загуби голем градоначалник“, напиша Рената Дескоска на својот Фејсбук профил.