Македонија

ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, СДСМ во Битола, ДУИ во Гостивар, Левица, ЛДП и БЕСА во Скопје

Изборната кампања за Локалните избори 2021 закажани за 17 октомври почнува денеска и ќе трае 20 дена односно до 15 октомври на полноќ.

Политичките партии и независните кандидати веќе ги најавија своите активности во кампањата иако најголем дел од кандидатите за градоначалници и советници во изминатите месеци веќе имаа неформални средби со граѓаните и претставување на своите програми на социјални мрежи.

Најголемите партии и коалиции кампањата ја почнуваат речиси традиционално од истите градови.

Централниот настан на караванот „Најдоброто за твојата општина“ предводен од СДСМ е закажан во Битола, а претходно караванот ќе биде со граѓаните на Демир Хисар. Во вторник караванот е во скопските општини Чаир и Кисела Вода по што ќе следува предизборна конвенција на кандидатот за градоначалник и листата за советници за Град Скопје. Караванот своите активности ги завршува на 15 октомври со голем граѓански настан во Куманово.

ВМРО-ДПМНЕ кампањата за локалните избори ќе ја води под слоганот „Создади нова иднина“, а ја почнува со собир во Античкиот театар во Охрид, а во текот на денот претставување на програмата во Скопје ќе има кандидатката за градоначалник на Скопје Данела Арсовска, која е поддржана од опозициската партија.

ДУИ најави дека кампањата ќе ја почне и ќе ја заврши во Гостивар.

Беса изборната кампања ќе ја започне вечер во Скопје со собир на отворено пред салата „Борис Трајковски“.

ЛДП првиот настан ќе го отвори пред МОБ во 19 часот, додека Левица денеска отвора канцеларија во Карпош, во близина на пазарчето Тафталиџе.

На почеток