„Градежното лудило не престанува во Карпош, се градат згради од крај до крај на градежни парцели каде претходно биле бараки или куќи. И после 4 години од носење на Законот за урбано зеленило, тој не се применува, на парцелите нема 20% зеленило, зошто плановите се донесени пред законот да стапи на сила во јануари 2018“, велат „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“
„Градоначалникот Стефан Богоев предизборно вети ревизија на сите детални урбанистички планови, но тоа не го направи, иако свесен за разорните ефекти на овие ДУПови, кои ги уништуваат темелните вредности на уставниот поредок, хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како јавен интерес и ги газат законските одредби на еколошка одржливост на човечките населби и задолжително штитење на јавниот интерес кој е приоритетен, пред приватниот. Градежната инспекција како да не постои, а на терен се кршат закони на очиглед на сите, но општината не реагира.
Поради овие причини носителката на граѓанската листа за Карпош „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ и долгогодишна активистка Невена Георгиевска, поднесе иницијатива пред Уставен суд за укинување на уште еден ДУП во Карпош, 5ти по ред. Се работи за ДУП З 09, Тафталиџе кај Млечен, помеѓу 8-ми Септември и Рузвелтова, Партизанска и Гологанов. Уставен суд го укина овој ДУП со одлука на 9.9.2021. Имаше и времена забрана на градење од 30ти јуни, но дали и колку била испочитувана, ќе се види според податоците за спроведени градежни инспекции во овој дел. Градежни дозволи не смее да се издаваат повеќе за овој ДУП од денот на негово укинување.
Кандидирањето за советници во општина Карпош е поттикнато токму од овие причини. Да се избориме за нови урбанистички планови каде наместо дехуманизација, ќе видиме хуманизација на просторот, каде јавниот интерес ќе биде приоритет, со соодветен сооднос помеѓу градби и зеленило, потребни паркови, тротоари според стандарди, вело патеки, градинки, училишта. Да обезбедиме транспарентност и учество на граѓаните од самиот почеток на планирање на овие ДУПови. Да ги бараме потребните анализи и податоци врз чија основа треба да се изработат овие планови. Да ставиме СТОП на приватниот интерес над јавниот“,велат „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“