Кандидатот за градоначалник на Општина Кисела Вода на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски денеска на прес-конференција вети дека со неговиот тим ќе реши два крупни проблема на граѓаните на Општината – ќе направи нови 3500 паркинг места и ќе распише меѓународен конкурс за идејно решение за урбанизација на Расадник.
Поради прекумерното градење згради, рече Ѓорѓиевски, жителите на Кисела Вода со години имаат сериозен проблем со паркинг места за своите автомобили.
– Согласно проценките и потребите на вас граѓаните, ќе направиме нови 3500 паркинг места, кои ќе го решат проблемот со паркирањето на околу 2500 домаќинства низ нашата општина. Според нашиот проект, ќе направиме монтажни паркинзи, кои ќе ги интегрираме на локации каде е најпотребно сразмерно потребите на граѓаните, рече Ѓорѓиевски.
За урбанизација на Расадник, Ѓорѓиевски планира меѓународен конкурс за идејно решение.