Нелогичен и смешен е предлогот администрацијата наместо 40 да работи по 36 часа неделно односно осум часа дневно од понеделник до четврток и четири часа дневно во петок, вели професорот Борче Давитковски.
– Крајно нерационално е на административните службеници да им се даде скратена работна недела, од она што го предвидува Законот за работни односи според кој работната недела трае 40 работни часови, рамномерно распоредени на пет работни дена. Од друга страна, нелогичното произлегува и од фактот што економскиот сектор од кој практиочно се обезбедува платата на тие службеници, со овие измени ќе работи подолго од администрацијата – вели Давитковски.
Тој смета дека причината е лукративна во пресрет на локалните избори и е своевидно додворување на околу 140.000 административци.
– Сите држави во рамки на реформите што ги прават на администрацијата, предидуваат поголема достапноста на институциите за да може секој граѓанин да ги заврши своите обврски, а кај нас се прави спротивното – се предлага, службениците во петок по само четири часа работа да си заминат дома – вели тој за „Локално“.