Актуелно

Една третина од тестираните студенти на коронавирус во Србија се позитивни

Денеска на универзитетите во Србија започнува нова академска година, и според натписите на медиумите во таа земја само едно е сигурно, дека наставата ќе започне според комбинираниот модел.

Ова значи дека теоретските часови најчесто ќе се посетуваат преку Интернет а практичните часови на факултетите, со организација на помали групи студенти. Според извештаите на агенциите, она што најмногу ги интересира студентите е дали на факултетите ќе се воведат ковид-пропусници, како што веќе беше направено на медицинскиот факултет во Белград.

„Засега нема факултети што покажуваат иницијатива за нивно воведување. Некои движења дури најавија тужби против Медицинскиот факултет за воведување на ковид-пасоши. Тоа е срамно. Медицинскиот факултет испрати вистинска порака до јавноста за свесноста и важноста од вакцинацијата. Овој факултет нема да се откаже од ковид-пропусниците и ако случајно другите факултети одлучат да го сторат тоа“, вели Петар Булат, проректор за настава на Универзитетот во Белград и професор на Медицинскиот факултет.

Професорот откри и дека, според последните податоци, една третина од студентите од сите универзитети кои биле тестирани биле позитивни.

„Од 13.09 до 19.09 беа тестирани вкупно 362 ученици, од кои 116 беа позитивни. Од 20.09 до 26.09 тестирани се 336 ученици, а 102 беа позитивни. Како и кај населението, близу 30 проценти од тестираните беа позитивни. Она што е сигурно е дека наставата на факултетите ќе биде подобро организирана отколку во текот на минатата година, бидејќи сега сме добро воспоставени и подготвени за сите сценарија“, посочува професорот Булат.

Според објаснувањето од Медицинскиот факултет во Белград, теоретските часови ќе се одржуваат на Интернет како и досега, а практичната настава ќе значи дека студентите и професорите мора да исполнуваат одредени критериуми.

Дека во времето на настава немаат знаци на акутна респираторна инфекција или треска, да носат маски и да бидат целосно ревакцинирани, пренесуваат медиумите.

На почеток