Јапонската фармацевтска компанија „Такеда“ објави дека човечка грешка довела до присуство на метални честички во вакцината против Ковид-19 на „Модерна“.
Во извештајот на компанијата се наведува дека шпанскиот производител на вакцини открил загадувачи во некои шишиња во јули, пишува „Ројтерс“.
Во август јапонските власти ја суспендираа употребата на три серии вакцини на „Модерна“, кои содржат 1,63 милион дози по известувањето за контаминација.
„Модерна“ ја спроведе истрагата во партнерство со „Такеда“ и шпанскиот производител „Рови“, кој управува со фабриката каде што се случи загадувањето.
Во новиот извештај на компанијата се наведува дека проблемот настанал од „неправилно склопување и дека е предизвикан од човечка грешка, што е специфично за визуелно неточна процена на потребното растојание од 1 милиметар помеѓу производот и машината што става капаци на шишињата со вакцини“.
Истражени се вкупно пет последователни серии од вакцината на „Модерна“, произведена во „Рови“ помеѓу 27 јуни и 3 јули.
Првите три серии биле испорачани во Јапонија, а потоа повлечени назад по откривањето честички за кои се покажа дека се направени од не’рѓосувачки челик во 39 шишиња.
Четвртата серија вакцини не ја помина инспекцијата по откривањето на честичките на 2 јули, а петтата ја чуваше компанијата „Рови“.
Проблемите со серијата беа пријавени кај „Модерна“, „Такеда“ и кај јапонското Министерство за здравство, но во тоа време првите три серии веќе беа пуштени во употреба бидејќи тие „ја поминаа проверката и не се сметаа за неисправни“.
Во извештајот исто така се наведува дека подобрувањето на работната процедура и користењето нова прецизна алатка ќе помогне да се спречи проблемот да се повтори.
Компаниите и јапонското Министерство за здравство објавија дека честичките од не’рѓосувачки челик не претставуваат дополнителен ризик за здравјето.