Беда. Вака со еден збор може да се опише состојбата на езерото Треска. Комплексот изграден од самопридонес од граѓаните, денес е запуштено и руинирано место, со висока вегетација. Кога ќе прошетате низ него, прво што ќе ви текне е дека наликува на Чернобил по нуклеарната катастрофа. Но се чини, дека катастрофата за ова скопско место чија површина изнесува 186.000м² под зеленило и 130.000м² под водена површина, допрва доаѓа. Ветувањето дека местото ќе се врати на скопјани пропадна во вода, откако беше донесена одлука таму да се градат хотелски комплекс, викенд населба и спортско-рекреативен центар. Од езерото, има само празна дупка.
Изминативе месеци, од Треска е однесено се што можело да се однесе. Ги нема канделабрите за светло, откорнати се жиците, уништени се клупите. Шут, стар расфрлан мебел, купишта отпад, тоалет школки, санитарии. Ваква е сликата која можете да ја затекнете ако се решите да го посетите комплексот. Од вода, нема ниту „в“, освен ако не падне дожд.
На местото, екипата на „Скопје1“ затекна неколку скопјани кои одвреме-навреме го поминуваат времето тука за да се потсетат на добрите стари денови. Тие потсетуваат дека плажите биле преполни, имало полно капачи, изобилувало со камп приколки и меѓусебна почит меѓу сите кои доаѓале. Носталгијата постои. Нема трага од добрите стари времиња, велат неколкуте посетители.
Од ветувањата дека Треска ќе е на скопјани, останаа само празни зборови.
Во 2017 година, актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов вети пречистителна станица за водата на Треска да биде чиста, но и безбедна за капење. По ова, во јуни 2019, стигнаа најавите за комплекси, што би значело приватизација на езерото кое никогаш повеќе нема да биде на скопјани. Па така, на 2 октомври 2017 година, одекна вест: „Шилегов вети враќање на стариот сјај на езерото Треска“.
„Денеска сме на СРЦ „Езерце Треска“, дојдовме овде за граѓаните преку камерите со свои очи да ја видат состојбата на овој капитален објект. Запуштен, фрлен на забот на времето, заборавен, градот Скопје никогаш не најде ниту сила, ниту средства, ниту волја ова богатство што го имаме на неколку километри од центарот на Скопје да биде ставено во полна функција. Новата администрација на Градот Скопје и јас како градоначалник ќе го ставиме во функција, во полн капацитет, овој капитален објект. Тоа е нашиот приод, поинакво планирање, градба на инфраструктура и одржување на инфраструктурата. Веројатно, некому му беше полесно и поедноставно да гради отколку да одржува нешто што скопјани многу одамна го имаат платено со своите средства. На ова место ќе го вратиме животот во Скопје, живот во Скопје за сите“, најави Петре Шилегов во 2017 година, како кандидат за градоначалник на град Скопје.
Езерото ќе живее, ама комплексот нема да е на скопјани туку на инвеститори
Рушењето на Треска покажа дека никој не планира ревитализација на местото, туку приватизација. Тоа би значело дека скопјани нема да можат слободно да се шетаат, сончаат, да прават пикник, туку да одат да јадат во ресторани, спијат во хотели, плаќаат за влез во спортско-туристичкиот центар. Како што објавија медиумите, ДУП ќе биде поделен во четири блока, во нив ќе има простор за спорт и рекреација, а ќе се изградат и објекти за сместување. Камп приколките кои беа околу 500, тоалетите, заедно со останатиот имот на скопјани, веќе го нема. Веќе е извесно дека нема место за камперите во новиот план. Каква ќе е иднината на ова место полно со спомени на скопјани, никој не кажува јасно и гласно. Туку, се слушаат само гласини.
Езерото Треска со одлука на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година е предадено на Општина Сарај.