Универзитетската професорка Благица Новковска, поранешна директорка на Државниот завод за статистика изрази сомнеж околу успешноста на пописот кој деновиве заврши во земјава.
„Директорот на ДЗС изјави: ‘…со сигурност знаеме дека целосно и успешно го опфативме населението кое во овој момент живее во државата…’ Што значи ова? Знае ли што кажува? Не знае колку одбиле да се попишат, ама сите се целосно опфатени?! Да го потсетам единица на попис им беа државјаните! Не знам дали знае, но најсигурно е дека денес затворија нешто што ќе треба наскоро да го отворат и да видат со што го наполниле. Единствено е сигурно – сега за сега – дека собрале 1.832.696 ЕМБГ. Така барем денес ја информираа јавноста“, напиша Новковска.
Таа смета дека имало и двојно попишување, и овде и во странство, преку самопопишување.
„Т.н. попис, 2021, е неуспешен според многу критериуми и заради многу причини, но најважното е што МНОГУ го потценија народот, и овој што се уште е тука и оној што си заминал. Им ги разбраа и препознаа сите некадарности, игри и договорени планови“, пишува таа.