Денеска во Охрид е ден на жалост, поради смртта на градоначаникот Јован Стојаноски. Јарболот во центарот на градот е спуштен на половина копје. Погребот на Стојановски ќе се одржи во 14 часот на Градските гробишта во Охрид, а посмртните останки ќе бидат изложени во Градската капела од 12 часот.
Исто така денеска ќе се одржат комеморации во општината и Факултетот за туризам и менаџмент, каде Стојаноски беше професор.
Премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора Едмонд Адеми ќе присуствуваат на комеморативната седница која ќе се одржи во Општина Охрид, но и на погребот на градоначалникот Јован Стојановски.
Јован Стојановски за градоначалник беше избран во октомври минатата година. Тој беше и еден од најзначајните кадри од раководителите во локалната организација на СДСМ во Охрид.
Според најавите, дополнителните избори за нови градоначалници на Охрид и на Дебар ќе се одржат паралелно со редовните претседателски избори напролет. Тогаш треба да се избере и нов градоначалник на општина Ново Село, откако Боро Стојчев од СДСМ поднесе оставка од морални причини откако беше осуден на затвор за обид за шверц на цигари.