Шест лица потешко повредени од сообраќајната несреќа на македонскиот автобус кај Лесковац се хоспитализирани во болницата во Ниш. Тие се во стабилна состојба, но со сериозни повреди. Синоќа шестмината повредени ги посети министерот за здравство Венко Филипче, а претходно и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.
–Во Клиничкиот центар во Ниш дојдовме на посета на посериозно повредените патници од превртениот автобус. Вкупниот број на пациентите кои овде се третираат изнесува шест. Засега се сите стабилни, но сериозно се повредени и им треба уште еден период од неколку дена во којшто нивните витални параметри ќе се следат. Кај двајца од тие шестмина може да дојде до ситуација во која што можеби ќе биде потребна и хируршка интервенција, изјави Филипче во Ниш.
Претходно, како што изјави министерот, ги посетил повредените патници хоспитализирани во болницата во Лесковац.
Во болницата во Лесковац се сместени осум патници со полесни повреди, и како што рече Филипче, за ден до два ќе бидат упатени на натамошно домашно лекување во Македонија за што ќе бидат во континуиран контакт со колегите од Србија и заеднички ќе го организираат првозот.