Радмила Шеќеринска, Солза Грчева, Тања Каракамишева, Гордана Силјановска, Фатиме Фетаи, Мирјана Најчевска, Мирјана Лазаровска…ова се имиња на успешни професионалци и моќни политичарки, секоја поддржана од голема група истомисленици, кои освен што се силни интелектуалки и децентни дами, имаат уште еден заеднички именител.
Сите тие се можни кандидати за претседател на Македонија. Се разбира, ниту една од нив официјално не ја потврдила својата кандидатура, ниту пак јавно ја покажала амбицијата за највисоката функција во државава, но судејќи според мислењата на граѓаните, како и на нивните следбеници на социјалните мрежи, извесно е дека би имале сериозна поддршка од гласачите.
Иако до истекот на мандатот на актуелниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, има уште неколку месеци, во јавноста веќе се скенираат личностите кои би можеле на свој грб да го понесат товарот што го носи шефот на државата. И она што е многу интересно, за првпат се споменуваат толку жени.
Професорката Мирјана Најчевска, која е познат борец за родова еднаквост, во изминативе недели на својот фејсбук-профил неколкупати покрена јавна дискусија на оваа тема.
– Е јас не сум ни за Стево ни за Денко. Мислам дека е редно да добиеме претседателка. На протестите имаше повеќе жени од мажи. Жените го срушија режимот. Редно е да го разбиеме патријархалниот модел не само на улица туку и во институциите. Жена за претседателка, напиша Најчевска и покрена сериозна дискусија.
Со сличен став се и граѓанските активисти. Наташа Доковска од „Новинари за човекови права” вели дека сепак, во македонското традиционално општество, авторитетот на мажите има првенство во однос на вистинските ставови на висококвалитетни жени кои би можеле да бидат во функција на претседателот на државата.
– Сепак ми се чини дека нашето општество веќе е зрело за жените лидери. Досегашната неинволираност во оваа сфера делумно лежи и во самата жена. Имено жените самите се одговорни за таква позиција, бидејќи им даваат првенство на мажите, иако сметаат дека се подеднакво способни за извршување на функцијата…Денеска има жени претседателки и во многу понеразвиените демократии и верувам дека и Македонија може да “извади# жена претседател и да биде пример за тоа како се води државата, што за мене е еквавилент за водење семејство…
Според интерни истражувања на весникот Вечер, Шекеринска, Грчева, Каракамишева, се три од кандидатките кои би можеле да ги засенат нивните колеги и да ја освојат вилата „Водно”.
Вицепремиерката и министерка за Одбрана, Радмила Шеќеринска, е политичарката за која јавноста наголемо зборува дека е сигурен претседателски кандидат. Во својата богата политичка кариера извршувала голем број високи партиски и државни функции.
Солза Грчева, претседателка на новоформираната партија на центарот Глас за Македонија и поранешна пратеничка на СДСМ, позната по острите критики за политиките на власта, но и на најголемата опозициска партија, многумина ја гледаат како вистински претседател на сите граѓани.