Македонија

Заев со Грците: Пријателството и стратешкото партнерство меѓу двете земји има силно регионално значење и потенцијал

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска го прими алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис, кој е во работна посета на нашата земја.

Премиерот Заев им посака добредојде на алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Варвициотис и на членовите на неговата делегација и истакна дека нивната посета се остварува во период на интензивна билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Грција, која од Договорот од Преспа секојдневно се проширува и расте.

На средбата како посебно важни беа истакнати проектите во енергетиката како стратешка и приоритетна дејност за двете земји за што сведочат веќе потврдените проекти за соработка и за заеднички инвестиции кои имаат и силно регионално значење и потенцијал.

За време на разговорот од двете страни беше потенцирано задоволството што го нагласуваат инвеститорите од Грција за соработката со Владата на Северна Македонија, која, како што беше кажано, е дополнителен мотив и испраќа силна порака дека бизнис заедницата на Хеленската Република има пријателска средина за инвестиции во нашата земја.

На средбата беше потврдено дека од исклучителен заеднички интерес и стратешка цел на двете земји е Северна Македонија колку што може поскоро да ги започне пристапните преговори со ЕУ, и дека Грција во таа насока ќе продолжи со силната поддршка.

Премиерот Заев истакна дека за Република Северна Македонија напредокот во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања, и дека во таа насока земјата има постигнато огромен напредок во усогласувањето на домашната легислатива со онаа на ЕУ, како резултат на интензивниот процес на реформи и за европеизација на сите сегменти на општеството.

На средбата претседателот на Владата Заев повтори дека е отворена поканата премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис да ја посети Република Северна Македонија, и дека секоја посета, како оваа на алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања, Милтиадис Варвициотис е придонес за унапредување на пријателството меѓу двете земји.

На почеток