Мониторингот на ЦИВИЛ утврди дека денешното гласање на лицата во притвор и на издржување казна затвор започна навремено во сите казнено-поправните установи (КПУ), освен во КПУ Идризово. Гласањето во КПУ Идризово започна во 8:20 часот. Од ЦИВИЛ изразија надеж дека управата и Избирачкиот одбор во КПУ Идризово ќе го почитуваат принципот според кој треба да се продолжи гласањето во избирачките места за толку време колку што траел прекинот, односно доцнењето.
Во мониторингот на ЦИВИЛ на гласањето во КПУ низ земјата, се бележат неколку други недостатоци. Во КПУ Куманово, од 56 лица, само 38 се на Избирачкиот список. Во КПУ Битола, 20 лица недостасуваат во Избирачкиот список.
На почетокот на гласањето во КПУ Прилеп и Битола, на гласачите не им било дозволено гласањето со т.н. „домска карта“, за разлика од сите други КПУ каде што тоа било дозволено. Некаде околу 9 часот, овој проблем е надминат и сега гласачите во КПУ Прилеп и Битола можат да го остварат своето право на глас со „домска карта“, како и во сите останати КПУ.
ЦИВИЛ ќе се појави со најнови информации и во живо, во Изборен рапорт, со почеток во 13 часот на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на организацијата.
Како и секогаш, ЦИВИЛ го спроведува мониторингот во соработка со граѓанките и граѓаните и ги повикува да пријавуваат кршење на изборниот молк и други нерегуларности во текот на гласањето денеска и утре.