Александар Ивановски-Теранова во својство на сведок во случајот “Плацови на Водно”, посочуваше како плацевите биле купувани, но и становите на Бихачка каде порано живееше Никола Груевски. Тој објасни како била основана и фирмата “Сирах инженеринг” во Македонија, поврзана со офшор компанијата “Сирах” од Белизе. Тој кажа дека контактирал и со Никола Груевски, откако избега во Унгарија. Според сведочењето на Ивановски-Теранова, Груевски барал станови за сопругата и децата.
“И да не ми е позната, сега ми е позната. По игра на случајност имам преземено активности по замолница на мојот добар пријател Сашо Мијалков, кој ме замоли за еден пријател да потпишам полномошно за таа иста фирма во Македонија. Тоа е единствен мој личен контакт со таа фирма. Како секој добар пријател нормално прифатив да го потпишам тој документ во адвокатската канцеларија ‘Марков Чукиќ’. Не можам да се сетам која фирма се основаше, бидејќи вршев услуга за пријател на мојот пријател. Во документот не пишуваше кој ќе биде управител, тоа е само оф-шор компанија која дава овластување на правник да ја регистрира фирмата во Македонија. Не знаев како е називот на новата фирма, по извесен период дознав дека ‘Сирах’ од Кипар основала компанија ‘Сирах инжинеринг’ во Македонија, а потоа дознав дека управител е Ристо (Новачевски), за тоа ме извести Мијалков, со што ми посочи дека ќе ме контактира”, кажа тој.
“Со Лазар Бошњаковски ме повика на телефон да се видиме. Седнавме на кафе во ‘Корзо’ кај што од негова страна ми беше понуден плац на Водно, 10-11 илјади квадрати по цена од милион ипол евра. Ми покажа дел од скиците и имотниот лист, сопственици беа лица од Црна Гора кои го добиле преку процес на денационализација. Со оглед на бизнисот кој го работам, нормално дека со секој атративен плац бев заинтересиран со понудата. Меѓутоа зс да човек да одлучи дали да го купи, инвенстира или не, треба да се види дали има ДУП, а бидејчи Лазе не ги знаеше тие работи, отидов во Општина Центар, надлежен за тој реон. Таму се утврди дека тие плацеви се надвор од градежен реон. Со тоа истите станаа непредметни бидејќи на таков плац, можете да ставите само сандаци за пчели за мед, бидејќи се надвор од градежна зона”, кажа сведокот.