Вкупно 1598 домашни и странски набљудувачи, новинари и преведувачи се акредитирани за следење на вториот круг од Локалните избори 2021.
Овој број е поголем за 347 споредено со првиот круг кога беа акредитирани 1251.
Од домашните најбројни се од Граѓанската асоцијација „АКСИОС 2017“ и од Здружението „ЦИВИЛ“, а останатите се од „Центар за слобода Скопје“, Здружението за афирмација на хумани вредности и младинска интеграција „Мак-Сонце“, од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи Охрид-Скопје, од Национален ромски центар, од Граѓанска превенција „Превенција за време на избори“ и од Здружението „Млади европски федералисти – ЏЕФ“.
Од странските набљудувачи најбројни се од Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР и од американската Амбасада, а изборите ќе ги следат и набљудувачи од ИФЕС, британската Амбасада, амбасадите на Франција, на Унгарија, на Албанија, на Русија, Холандија, Италија, Чешка, Хрватска, Косово, Грција, Бугарија, Шпанија, Летонија и Австрија, како и од Централната изборна комисија на БиХ.
Акредитирани се и 10 странски новинари.