Излезноста до 9 часот според Државната изборна комисија е 5,25 отсто, односно на гласање излегле 63.006 гласачи. Во првиот круг на изборите, излезноста беше 3,30 отсто од запишаните избирачи. Ова значи дека скоро е дупло повеќе избирачи изглегле сега да го остварат своето право на глас.
„Излезноста е 5,25 односно гласале 56.700 гласачи. Имаше технички проблеми на неколку избирачки места во Скопје и низ државата. Сите се решени. Гласањето продолжува. Таму каде беше прекинато гласањето повеќе од саат време, ќе биде продолжено за толку-колку што било прекинато“, рече Александар Даштески, претседател на Државната изборна комисија.
Во Ранковце, Пехчево, Лозово, Зелениково има најголема излезност.
Сите избирачки места се отворени од избирачките одбори и процесот на гласање е во тек и во најголем дел се одвива непречено. Рано утринава во 7 часот беа отворени гласачките места во 44 општини од вториот круг на локалните избори. Се бираат градоначалници, а право на глас имаат 1.353.990 избирачи.
Членовите на избирачките одбори добија инструкции читањето на прстите да се одвива според следниот редослед: Прво се чита показалецот од едната рака, доколку уредот не го препознава, тогаш следи обид со показалецот од другата рака. Доколку и во тој случај уредот не може да го исчита гласачот, се вметнува личната карта. Како последен обид, се оди со рачно вметнување на единствениот матичен број на граѓанинот.