Се шпекулира дека во игра за нов лидер на владејачката партија, за кои веќе на големо се лобира, се Петре Шилегов, ексградоначалникот на Скопје, потоа заменичката на Заев, Сања Лукаревска, потпретседателот на партијата Венко Филипче, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, но и функционери што не се од скопското крило, како генералниот секретар Љупчо Николовски и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, пишува Слободен печат.
И покрај обидите да добиеме потврда дали имаат амбиција да седнат во партиското столчето на Заев, тие или не одговараа или одбија да коментираат. Аргументите на дел од нив се дека прво е важно да се усогласи кој ќе биде новиот мандатар, а потоа ќе следува постапката за избор на нов партиски лидер.
Интересно е дека Шилегов се врти во комбинација и за можен мандатар, но и за кандидат за нов лидер на социјалдемократите. Шпекулациите се засилија откако Шилегов беше присутен на првата средба на Заев со коалициските и со владините партнери по неговата оставка. Кога станува збор за мандатар, тој не би бил спорен за албанските партнери во Владата, со оглед на поддршката што од нив ја доби за локалните избори. Во контекст на можен мандатар и партиски лидер се споменува и Шекеринска.