Македонија

Судењето на Стевчо се одложи поради корона

Еден ден откако ја презеде градоначалничката функција во Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска се појави на суд каде му се суди за дело злоупотреба на службената положба и овластување. Тој се товари дека го направил од 2011 до 2017 година, односно во претходниот градоначалнички мандат.

На стартот од судењето Јакимовски достави поднесок дека родителите на неговиот адвокат се заразени со корона, кој имал постојан контакт со заразените. Ова е и причина за одложување на рочиштето.

Ова беше прво судење за овој предмет, по судската ферија. Предметот се суди одново, бидејќи судечкиот судија Горан Бошевски беше разрешен, а нов судија е Осман Шабани. За овој предмет, Јакимовски беше и во куќен притвор. Тој се гони бидејќи со неговите дејствија, Обвинителството тврди дека направил штета од 7.209.600,00 денари без ДДВ на буџетот на Општина Карпош.

Според Обвинителниот акт, обвинети се 6 лица. Првообвинетиот Јакимовски е обвинет за повеќе кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и едно кривично дело бесправно градење од Кривичниот законик. Тој се товари дека од 2011-2017 година, како градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште во државна сопственост.

На почеток