Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев вчера во изјава за медиумите истакна дека имале сугестија од Централниот одбор за одложување на оставките.
„Ниту моите оставки се дискутираат, ниту се одлучува по моите оставки, од единствена причина кога ги најавив на 31-ви вечерта, потврдив дека останувам овде за да помогнам да се одржи парламентарното мнозинство и ако може да се зголеми“, посочи Заев.
Тој додава дека очекува парламентарното мнозинство да се стабилизира.
„Искрено очекувам демократското парламентарно мнозинство ќе се стабилизира, пред се тоа што е ориентирано за евроатлантскиот пат, за мултиетничкото наше општество, за држење на меѓусоседските односи и тоа што е ориентирано кон позитивните реформи во државата. Затоа се овие напори, уште еднаш напоменувам, вечерта на 31-ви кога ги објавив оставките од двете функции реков останувам периодот за да се посветам да помогнам во одржувањето на парламентарното мнозинство“, истакна Заев.
Во однос на одложувањето на оставката, Заев порача дека се работи за времено одложување со цел да се направи обид да се сочува парламентарното мнозинство.
„Дефинитивно се работи за времено одложување заради обид да се сочува парламентарното мнозинство на страната на СДСМ“, порача Заев.