Жители на Ново Маало: 50 години живееме како во 19 век, ако се стопира проектот ќе поднесеме тужба
Ние, жителите од Ново Маало, го поздравуваме отпочнувањето на градба на станбено-деловниот комплекс „Гранд Скопје“, на градежната парцела 1.1 спроти „Холидеј Ин“. Среќни сме што се гледа почетокот на крајот на нашиот повеќедецениски проблем и што конечно и ние ќе добиеме достојни услови за живот, како што доликува на едно централно градско подрачје, велат група граѓани, жители на Ново Маало.
„Повеќе од 50 години живеевме во услови како од 19-тиот век, без фекална и атмосферска канализација, со септички јами, нерешено греење и без основни услови за движење низ улиците, притоа и без никаква можност самите да го решиме овој проблем и самостојно да пристапиме кон легална реконструкција на нашите домови.
На овој простор нема никакво зеленило, ниту инфраструктура, единствено кал, распукан бетон и депонија за отпад.
Воедно, потсетуваме дека доколку дојде до какви било обиди за повторни опструкции од кои било поединци, институции или организации за стопирање на проектот, најостро ќе реагираме и подготвени сме да ги преземеме сите правни механизми и ќе поднесеме тужби до институциите за претрпена штета.
Веруваме дека инвеститорот ќе го заврши овој објект во предвидениот рок и согласно претходно презентираниот проект, кој ветува урбано домување со многу зеленило, уреден јавен простор, и што е најважно, достојни домови за живот“, велат тие.