Автобусот поминал технички преглед и бил оценет како исправен
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кажа дека последната проверка на техничката исправност на автобусот била на 5 октомври 2021 година односно пред месец дена. За сите отворени прашања, Спасовски посочи дека истрагата ќе ги даде одговорите. Тој изрази благодарност до Бугарија и посочи дека посакува брзо закрепнување на повредените.
„Тим на МВР од сообраќајната полиција, Одделот за криминалистичко-технички вештачења тргна за Бугарија за да биде помош на бугарските колеги. Во Бугарија пристигнаа и претставници на стручни служби која ја понудија експертската помош. Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верувам дека со заедничка соработка, брзо ќе имаме одговор на сите нејаснотии за оваа трагедија. Согласно тој одговор ќе имаме ефикасност во утврдување на одговорноста“, кажа Спасовски.