Се прават распити, тубите за гориво биле празни – бугарското обвинителството со детали за несреќата
Главниот сомнеж на бугарските обвинители е дека човечка грешка е причината за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ каде загинаа 45 македонски државјани. До овој момент, иако во јавност говорат десетици сведоци, во Обвинителството не се јавил никој од нив да даде изјава, ниту бил затекнат. Се прават и распити на патниците кои се лекуваат во бугарската болница.
„До овој момент нема ниту еден очевидец, а по медиумите ги има по 15-20 лица. Затоа сакаме објективно и коректно да ве информираме, за истрагата до овој момент. Направен а распит на двајца патници кои се во болница, кои дадоа релевантни информации, и биле будни во моментот на несреќата. Сега се прави распит уште на двајца патници. Аутопсијата е завршена и покажа дека сите загинале од задушување од пожарот во автобусот. Во моментот на пожарот, тие биле живи. Работиме со најдобрите можни авто-техничарски експерти. До сега и од нив добивме стручни мислења. Се консултиравме со пожаро-техничарски експерти, кои треба да дадат одговор зошто настанал пожарот. Главниот обвинител на Бугарија утре заедно со екипа, ќе одат во Скопје, каде ќе побараат меѓународна правна помош. Со ДНК ќе се идентификуваат жртвите, за да се вратат телата на семејствата и да се погребат на достоен начин“, кажаа од бугарското обвинителство.
Тој отфрли и други верзии за тоа како настанал пожарот во автобусот.
„Верзијата за пренос на гориво не е точна. Имало три туби, со остатоци од нафта. Не биле полни. Пожарот не настанал од тоа. Нема туби со бензин или други материјали кои можат да се запалат, освен тоа што има во автобусот. Уште во првите часови од инцидентот, за да нема шпекулации дека станува збор за терористички напад, тоа го демантирав. Земавме и честички од автобусот, проверивме, по што констатиравме дека тоа не е терористички акт. Денеска продолжуваат распити, се гледаат и анализираат остатоците од автобусот, се проверува дали можеби пожарот настанал поради дефект. Ќе треба да ја расчистиме таа верзија. Засега, се сомневаме во човечка грешка. Во однос на патот, таа делница е страшна. Ако имало човечка грешка, таа била помогната од лоша организација на движењето и сигнализацијата“, додаде заменик-главниот обвинител на Бугарија.