Македонија

Околу 4% од луѓето осиромашеле давајќи пари за лекови и лекари на притватно

Околу четири проценти од домаќинствата во Македонија западнале во сиромаштија или во подлабока сиромаштија по приватни плаќања, а 6,5 отсто од домаќинствата имале катастрофални трошоци за здравствена заштита во 2018 година, се вели во најновата анализа за финансиска заштита во македонскиот здравствен систем, спроведена од Светската здравствена организација (СЗО).

– Добро е да се види дека состојбата со пристапот и финансиската заштита се подобрувала пред пандемијата. Сепак, наодите од извештајот покажуваат дека овие теми заслужуваат повеќе внимание во заложбите на Северна Македонија да создаде подобар систем од оној пред кризата, рече д-р Џихан Тавила, претставникот на СЗО во Северна Македонија.

Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа.

Според анализата, се проценува дека околу 10 отсто од населението немало здравствено осигурување во 2018 година, а тоа значи дека единствено имаат право на јавно финансирана итна медицинска помош и задолжителна вакцинација. Неосигурените лица се најчесто луѓе без редовен работен однос и вработени на кои не им се исплаќаат платите навреме.

Новиот извештај дава серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита во Северна Македонија.

– Да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување, да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина, стои во извештајот.

На почеток