Нов обид на Заев за повлекување од партијата
Претседателот на Владата и лидер на СДСМ, Зоран Заев, денеска ќе поднесе оставка од лидерската функција во партијата.
Несреќата на автопатот „Струма“ ги одложи првичните планови за средба на највисоките партиски тела, која требаше да се одржи во вторникот.
Според статутот на партијата, најдоцна 15 дена по утврдувањето на оставката, Извршниот комитет ја носи одлуката за распишување внатрепартиски избори.
Како што најави Заев, новиот претседател на СДСМ ќе биде и иден мандатар. Според неофицијални информации, еден од можните претенденти за оваа функција е Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии.
Денеска, и раководството на партијата на Африм Гаши, Алтернативата, ќе се состане за да одлучи дали ќе го прифати предлогот на Заев за влез во владината коалиција.
Членовите на централното претседателство треба да му дадат насока на Централното собрание, кое е највисок орган на партијата, а треба да донесе финална одлука дали Алтернативата ќе се приклучи кон Владата и парламентарното мнозинство или ќе остане во опозицискиот блок.
Со влез на Алтернативата во Владата мнозинството би броелo уште четворица пратеници, односно 65 наместо досегашните 61.