Актуелно

Мицкоски најави кога ќе има избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во емисијата „Патот кон“ во Алсат телевизија, истакна дека неопходно е да има предвремени парламентарни избори потенцирајќи дека актуeлната влада е некредибилна.

Тој вели дека тие како партија и коалиција се подготвени веднаш да го почнат тој процес за брзи парламентарни избори.

-Реално ние сме подготвени веднаш да го почнеме тој процес на подготовка за брзи предвремени избори затоа што во моментот имаме влада која е некредибилна и затоа што постои фрустрација кај мнозинството граѓани бидејќи не се претставени соодветно во влада. И тука кога велам мнозинството да не бидам погрешно сфатен и цитиран, не мислам само на Македонците бидејќи мнозинството граѓани на овие локални збори гласаа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а таму гласаа и Македонци и Албанци и Роми и Турци, Бошњаци и Срби и Власи и останати, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше и дека мнозинството граѓани се фрустрирани посебно и од фактот дека моментално имаме политички бегалец за кој не се знае што ќе остави позади себе, мислејќи на премиерот и претседателот на СДСМ во заминување Зоран Заев.

-Тоа мнозинство сега е фрустрирано, посебно кога имате политички бегалец кој што буквално е на почетната стартна позиција со заврзани патики и се спрема сега да избега од политиката. Ако имаме ние таков политички бегалец кој што не знаеме што може да остави позади себе, најодговорно ќе биде да ние излеземе на брзи предвремени парламентарни избори, така ќе го заштитиме и народот, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото истакна дека како што стојат работите имајќи го во предвид уставните рокови, предвремени парламентарни избори можат да се случат на пролет.

На почеток