Дуќанџиите во ГТЦ поддржуваат да се градат висококатниците карши „Холидеј Ин“ за да заживее трговскиот
Следејќи ги најновите случувања и реакции во јавноста во врска со најавеното отпочнување со изградба на комплексот „Гранд“ кој е предвиден да се гради на паркингот наспроти „Холидеј Ин“, во непосредна близина на Градскиот трговски центар, Здружението на сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973 Скопје ја известува јавноста дека ја дава својата целосна поддршка за реализација на овој проект.
„Силно го поздравуваме почетокот на градбата и веруваме дека овој проект ќе го заживее ГТЦ, кој е едно од главните обележја на градот Скопје. Цврсто застануваме зад овој проект бидејќи сметаме дека уредувањето на овој простор ќе му даде нов лик на центарот на градот, отворајќи нова фреквенција на движење за граѓаните.
Градскиот трговски центар од ден на ден сè повеќе го губи својот сјај и убедени сме дека отворањето на комплексот „Гранд“ во Скопје на овој со децении запуштен простор во срцето на градот, позитивно ќе влијае на работата на сите дуќани кои се дел од овој трговски центар, заради што бараме поддршка и соработка од сите граѓани.
Било какви опструкции од групи на граѓани, организации или институции, ќе бидат на штета не само на нас дуќанџиите од најстариот трговски центар, туку и на граѓаните на Скопје кои заслужуваат модернизирање на центарот на градот.
Воедно, ја поздравуваме и најавената соработка на инвеститорот со Град Скопје, Шумарскиот факултет и зелените организации во земјава за изготвување на решение и директна инвестиција за обновување на дел од Кеј 13 Ноември како и градење на предвидениот пешачки мост кој ќе го поврзе јавниот простор кај Дрводекор со ГТЦ и сметаме дека ваков потег дополнително ќе го заживее и осовремени просторот во близина на трговскиот центар, правејќи го модерно, атрактивно и урбано место за сите посетители“, велат од Здружение на сопственици на деловен простор ГТЦ 1973 Скопје.