Време е да почнеме со градење на граѓански а не етнички базирана држава, вели Најчевска
Професорката Мирјана Најчевска смета дека во земјава е време да почнеме со градење на граѓански, а не етнички базирана држава. Таа укажува дека мерките кои се преземале за да се постигне еднаквост меѓу граѓаните, треба да прекинат кога ќе се постигне саканата цел.
„Според членот 1 (став 4) од Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација (https://ohchr.org/en/professionalinterest/pages/cerd.aspx), позитивните мерки кои се преземаат за постигнување фактичка еднаквост не треба да продолжат по достигнувањето на саканата цел.
Ова значи дека треба да се пристапи кон промена на Уставот, законите и подзаконските акти во кои се предвидени посебни мерки за постигнување еднаквост на припадниците на албанската етничка заедница со припадниците на македонската етничка заедница.
Време е да почнеме со градење на граѓански а не етнички базирана држава и посебно да го адресираме проблемот на етнички чистите политички партии кои се очигледно формирани во контекстот на претходно постоечката дискриминација“, пишува професорката Најчевска на својот фејсбук профил.