Ќе понудам кадровски и концептуални промени, ветува Мицкоски пред конгресот.
Следниот викенд во Скопје се одржува 17 конгрес на ВМРО ДПМНЕ, кои се вашите очекувања од конгресот?
Станува збор за редовен конгрес на кој ВМРО-ДПМНЕ ќе направи една ретроспектива на изминатите 4 години кои беа доста турбулентни за партијата и за земјата. Воедно ќе презентирам план и програма за наредните 4 години. Можам од една временска дистанца да кажам дека поминавме значителни предизвици во овие 4 години од кој партијата излезе посилна и обединета. Практично она што беа мои цели и визии на последниот валандовски конгрес ги реализиравме во изминатиот период. Дополнително покажавме една програмска определба и визија за нова иднина која што им ја должиме на граѓаните преку промените кои ги започнавме на локално ниво и за кои имаме обврска да се прошират на централно ниво со цел да ги менуваме работите.
17тиот конгрес ќе биде и настанот каде ќе биде усвоена нова доктрина на ВМРО и каде ќе бидат дефинирани целите на нашето постоење, каузата за која се бориме, и што планираме во иднина. Тоа ќе биде нашата биографија за оние кои сакаат да бидат дел од ВМРО ДПМНЕ и кон кои ние подаваме рака. Ќе имаме значајни пораки за времињата кои ни престојат. Јас во мојата програма која ќе ја предложам ќе ги опфатам најгорливите прашања на нашата држава, што е она околу што ќе застанеме но и нашето позиционирање кон стратешки важните теми.
Какво осежување ќе донесе конгресот во редовите на најголемата опозициска партија и на политичката сцена во Македонија? Може ли да очекуваме значајни кадровски и концепски промени?
Ќе понудам кадровски и концептуални промени. Промени кои јас ги дефинирам како засилување, но и нова фаза во делувањето што ќе подразбира и отворање кон пошироката јавност и мобилизација на интелектуалните и општествени капацитети кои ќе ги ставиме во функција на напредокот и изградбата на земјата. Да се обединиме околу важните прашања бидејќи и проблемите кои ги тиштат граѓаните се исти. Тогаш потребно е да ја земеме палката и покажеме како треба. ВМРО-ДПМНЕ направи во изминатиот 4 годишен период големи промени и застана на нозе, сега е време да почнеме да чекориме со големи чекори напред затоа што времето неодминливо тече, а народот оправдано бара резултати.
ВМРО ДПМНЕ на последните локални избори доби најголемиот дел од гласовите на граѓаните и најголем број општини во Македонија, што значи ова за партијата и какви си следните планови за дејствување на локално ниво?
Јас имам интензивна комуникација со градоначалниците и интензивно работиме на терен со намера да се реализира ветеното. Гледам дека сум предмет на критика поради тоа од страна на власта, но јас имам намера да бидам уште поприсутен на терен и да решаваме проблеми на граѓаните. Задоволен сум од темпото на работа од повеќето градоначалници и можам да кажам дека и покрај огромните долгови и наследените проблеми досега за само триесетина дена се започнати над 20 капитални проекти во различни општини, било да се водоводи, канализации, улици, училишта или спортски сали. Меѓудругото, моето присуство на терен го користам за средби со стопанските комори и заеднички општината, бизнисот и јас ги решаваме проблемите, бидејќи човечки и професионално е да се има секогаш отворена врата за секого затоа што на крајот користа ја имаат граѓаните. Исто така од почетокот на наредната година ќе има отворена линија каде граѓаните ќе може да пријават проблеми, но и да се информираат за процесот на следење на реализацијата на самата програма, како и да нотираат недоследности до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ по што ќе имаме организирано тим кој ќе ги процесуира таквите пораки од граѓаните. Драго ми е што градоначалниците го послушаа мојот совет до нив да се откажат од привилегиите што ги нуди општинската фотелја и да внимаваат во користењето на општинските средства. Исто така најавувам во наредниот период зголемен интензитет на работа на планот на спроведување на проекти од програмата, ветеното се реализира а промените на локално ниво мора да се почуствуваат интензивно.
Речиси сите скопски општини (со исклучок на Центар) се раководени од кадри од Вашата партија, како ова ќе влијае на идниот развој на Скопје и што очекувате од кадрите кои повеќе од месец дена се на градоначалничките позиции?
Скопските градоначалници покажуваат свежина во работата. Воедно, иако наметнувам и барам силно темпо на работа, треба да се биде свесен дека проблемите кои се наследени се огромни. Се сеќавам на првите состаноци по превземањето на функцијата со градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар кој загрижено ме информираше дека толку е во минус општината, што ќе нема ниту плати да подели, па седнавме заедно да бараме решенија. Но вистински сум задоволен што се отпочнаа сериозни проекти во Кисела Вода, Аеродром, Гази Баба, Бутел, Ѓорче Петров. Гледам дека и Јакимовски во Карпош секојдневно е на терен и решава напластени проблеми. Скопје се придвижува напред и создаваме солидна основа за иден развој. Потребни се одржливи решенија, но мора да има брза респонзивност во решавањето на потребите на скопјани. Во Аеродром за започна со изградба на градинка, во Гази Баба изградба на нов водовод и канализација, во Кисела Вода се делат решенија за легизација на дивоградби за кои се чекало со години, но и се отпочнува фекална канализација. Патем се расчистуваат диви депонии, се почнува изградба на булевар во Охрид, се асфалтираат улици и редици други проекти. Сето тоа овозможува нов импулс во работата на Скопје.