Скопје

Бесплатен јавен превоз за две години, најави Арсовска

Акцијата за чистење диви депонии, проектот за воведување БРТ превоз и финансиската состојба на Градот Скопје и на јавните градски претпријатија беа главните теми на кои градоначалничката Данела Арсовска разговараше со претставниците на медиумите, на денешниот брифинг.

Арсовска најави дека се работи на реорганизација на ЈСП и дека за две години целосно ќе се реализира проектот за бесплатен јавен превоз за граѓаните.

„Се работи на програмата што ја имавме зацртано, односно се преземаат првите чекори од етапното воведување бесплатен автобуски превоз. Ревизијата во ЈСП Скопје е започната, се детектираат сите слабости во работењето на ова претпријатие. Како што знаете, ова претпријатие е тежок загубар, а целта на новото раководство е да овозможи претпријатието да работи со оптимално намалување на трошоците, зголемување на приходите и овозможување непречено функционирање со сето она што може да се направи во следниот период. Најпрвин, претпријатието да излезе од долговите, второ – да се овозможи да се воведе бесплатен превоз, првично на оние категории на коишто им беше ускратено ова право и трето – изнаоѓање начини за детектирање на финансиски средства преку донатори за набавка на прва транша на автобуси, а понатаму ќе видиме како ќе биде финансирањето“, рече денеска Арсовска.

Таа додаде дека ЈСП Скопје почнало со реализацијата на проектот од предизборната програма „Скопје без заборавени населби“, односно продолжување на автобуските линии од линискиот превоз онаму каде што ги нема.

Арсовска посочи дека Градот Скопје изминатиот период спроведува голема акција за чистење на дивите депонии.

„Преку пријави и комуникација со граѓани од сите населени места претходно детектиравме околу 120 диви депонии. Чистењето го реализираме преку нашите јавни претпријатија и во соработка со дел од општините во Скопје, а до овој момент речиси сите депонии се исчистени. Оваа заедничка акција за чистење на дивите депонии ја спроведуваме за доброто на сите граѓани и за првпат се случува во толкав голем обем“, кажа градоначалничката.

Додаде дека покрај создавањето диви депонии, еден од најгорливите проблеми е и нивното палење, зашто со тоа се загрозува животот и здравјето на граѓаните и нагласи дека тоа нема да се толерира.

„Почнавме со неселективно казнување на сите оние кои ќе бидат затекнати како создаваат и палат депонии, а со тоа го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните. Во моментов службите создаваат систем за следење на состојбите, со кој покрај следењето на депониите кои што се веќе исчистени со дрон, активно ќе се работи на пријави од граѓани со цел да се спречи нивното повторно создавање“, нагласи Арсовска.

На почеток