Македонија

Се бара помилување за Александар Василевски-Нинџа, заменик-министерот за правда не дозволува!

Александар Василевски-Нинџа осуден за „27 април“ и сведок во предметот „Организатори на 27 април“, неофицијално е еден од затворениците за кого од затворот „Скопје“ во Шутка е побарано помилување. Ваквиот предлог е доставен до Министерството за правда, каде министерот Бојан Маричиќ ќе треба да одлучи дали истото ќе го предложи и до претседателот Стево Пендаровски. Комисијата за помилување ќе го има последниот збор за тоа кои затвореници предвреме ќе излезат од затворите.

Истовремено, заменик-министерот за правда, Ахим Нухиу кажа дека реагирал за одредени предлози за помилување. Тој посочи дека нема да поддржи намалување на казни на лица кои ги разнишале темелите на државата.

„Во однос на предлозите за помилување на некои затвореници, во својство на Заменик министер за правда не се согласив и секако институционално реагирав! Предлозите на Управите на затворите за помилување на одредени затвореници кои со своите криминализирани дела ги вознемируваа граѓаните и ги разнишаа темелите на државата, никогаш нема да ја добијат мојата поддршка и не треба да имаат поддршка ниту од ресорот за правда. Никогаш нема да молчиме за каузата на правдата!“, напишa Нухиу.

Василевски-Нинџа има одлежано 3 години и 11 месеци од седум годишната затворска казна. Тој доби најмала казна споредено со останатите осудени лица, која Апелација ја скрати за една година. Сега, тој користи и право на викенд, па сабота и недела, со оваа погодност, ги поминува надвор од затворот.

На почеток