Се продава „АД Славија“ за безвредна цена, обвинува Арсовски кој кажа дека вреди стотици пати повеќе од продажната
Владата ја продава „АД Славија“ под продажната цена, обвинува Димче Арсовски. Според него, не е направена проценка на имотот кој вреди 20 милиони евра, а се продава за 218.535 евра. Фирмата има долг од 4-5 милиони евра, што значи, според него, вредноста е 15 милиони евра. Па така, Арсовски вели дека неколку илјади евра ќе чини една акција, а не 51 евро.
„Картелот се подготвува да го продаде АД Славија, односно да ја купи некој со нивни амин далеку под цената. АД Славија која е вредна над 20 милиони евра, власта на СДСМ, сака да го продаде целиот имот, целото земјиште, сите објекти, за 218.535 евра односно 4.285 акции по цена од 51 евро по акција и тоа на само два дена пред Нова година. Ова е лудило кое го достигна врвот, менаџиран од Зоран Заев и власта“, рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој смета дека ова е брутален грабеж на државата и граѓаните.
„Под чија насока се прави оваа продажба, за да ја купи човек близок до Заеви? Предупредуваме дека не смее оваа продажба да се случи. Срамота е да се прави продажба на имот за стотици пати помала сума на пари од вредноста“, додаде Арсовски.