Во емисијата „Топ тема“ на Телма која се одржа во Филозофскиот факултет каде што учествуваа и студентите, гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.
Тема на дискусија беа повеќе состојби во општеството меѓу кои корупцијата, лошите услови во образованието, како и законот за амнестија.
Ѓорчев го критикуваше Законот за амнестија кој според него покажал дека еден човек е и судија и кадија во Македонија.
„Гласав за Законот за амнестија зашто не треба да има поигрување со судбините на тие луѓе. Има актери, оперски пејачи обвинети за тероризам. Јасно е дека амнестијата е за оние кои отворија врати и им се закануваа 15 години затвор, да се спасат и да гласаат за уставните измени. Законот е политички пазар“, изјави Ѓорчев.
Тој потенцираше дека власта ја злоупотребила довербата на граѓаните и на студентите за да дојде на власт, а потоа ги изневерила нивните очекувања.
„Имаме ситуација каде што луѓето масовно се иселуваат од Македонија имаме заробено судство, имаме состојба каде беа ветувани инвестиции од Google, но не се остварија“, изјави Ѓорчев.