Особено треба да нè радува фактот што проектот за интеграција во Европската Унија нè обединува по етничка линија и тоа нè прави уште посилни, рече заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, на средбата со Ален Ле Роа, француски амбасадор и поранешен специјален пратеник на ЕУ во земјата во 2001-2002 година.
Како што соопшти МНР, Жерновски истакнал дека Република Македонија се наоѓа пред историски момент и историска шанска за граѓаните да го трасираат патот на државата во иднина. Воедно, тој навел дека нашата држава е на чекор поблиску до остварување на нашата стратешката цел – членство во ЕУ и НАТО.
„Особено треба да нè радува фактот што проектот за интеграција во Европската Унија нè обединува по етничка линија и тоа нè прави уште посилни. Деновите што ги живееме и одлуката пред која сме исправени е многу поголема и поважна од меѓусебните партиски битки, кои секако ќе ги продолжиме по 30 септември. Но, оваа тема и нашата заедничка и просперитетна иднина мора да нè обедини сите“, рекол Жерновски на состанокот.
Тој информирал за реализираните реформи, како и напорите што Владата ги презема во насока на почнување преговори со ЕУ во 2019 година и членство во НАТО.
Амбасадорот Ле Роа упатил силна поддршка за престојниот референдум – „Официјален Париз цврсто стои зад евро-атлантските аспирации на Република Македонија“, нагласил Ле Роа на состанокот.