Актуелно

Падна „Балкански картел“ во Колумбија, запленет над два тона кокаин вреден 80 милиони долари

Колумбиската национална полиција со поддршка на Обвинителството откри 2,3 тони кокаин во контејнер во пристаништето Буенавентура, наменето за пристаништето во Ротердам, а во чиј транспорт биле вклучени членови на „Балканскиот картел“, објавија колумбиските медиуми. Полицијата добила пријава за транзит на контејнер во кој била скриена дрога на брод кој пловел од Еквадор.

При претрес и преглед на контејнер на палубата пронајдени се 2.250 правоаголни пакувања, обвиткани во ленти во различни бои, по што е откриено дека се работи за кокаин, со нето маса од 2,3 тони.

Порталот buenaventuraenlinea.com пренесува дека кокаинот доколку би бил доставен до пристаништето во Холандија би вредел близу 80 милиони долари.

– Според информациите од истрагата, кокаинот бил во сопственост на организацијата „Клан дел голфо“ во соработка со европската транснационална шверцерска организација за трговија со луѓе, позната како балкански картел – наведува споменатиот портал.

Оваа дрога, како крајна дестинација ги имала пазарите во Обединетото Кралство, Шпанија и Италија.

Да потсетиме, дел од експертите за борба против криминалот сметаат дека „балканскиот картел“ го сочинуваат мафијаши од земјите на поранешна СФРЈ и Албанија и дека се работи за сериозна организација која има трансконтинентален карактер.

На почеток