Турција сака да организира средба меѓу Путин и Зеленски
Турција е убедена дека Москва и Киев можат да постигнат мировен договор, а приоритетна задача на Анкара е да организира средба меѓу украинскиот и рускиот претседател.
Тоа денеска го изјави портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин.
„Мировен договор е можен. Сега прашање е кога и како ќе биде постигнат“, рече Калин во интервју за телевизискиот канал Ал Џезира, пренесува ТАС С.
Една од клучните задачи што Турција си ги постави е да организира средба меѓу Путин и Зеленски, рече Калин.
„Ги одржуваме нашите канали за комуникација отворени на двете страни. Тоа е многу важно и нашите напори се насочени кон организирање директна средба меѓу рускиот и украинскиот претседател“, рече турскиот претставник.
Тој наведе дека во Белорусија се одржуваат состаноци на двете страни на техничко ниво, како и дека на маргините на дипломатскиот форум во Анталија е одржан првиот министерски состанок меѓу Украина и Русија, додека клучна задача е да се организира самит.