Свет

Почнува нова рунда преговори: Украина подготвена на компромис, Русија сака признавање на Крим

Делегациите на Украина и Русија треба да се сретнат утрово во нова рунда преговори, откако Киев го отфрли ултиматумот на Москва да го предаде опколениот Мариупол. Русија ги повика украинските војници во Мариупол рано утринава да го положат оружјето и да го напуштат градот, и постави краен рок до 5 часот по московско време за украинскиот одговор.

Нова рунда разговори ќе започне утрово и ќе се одржи преку видео врска, изјави советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак, пренесе украинската новинска агенција УНИАН. „Работните групи на двете страни интензивно работат во последно време“, рече тој.

Минатиот понеделник се одржаа мировни разговори на високо ниво. Подољак верува дека разговорите со Москва за завршување на војната ќе траат неколку недели, додавајќи дека има знаци дека позицијата на Москва станува „поразумна“ и пореална.

Москва бара демилитаризација на Украина и неутрален статус, признавање на самопрогласените републики и анексија на Крим. Украина досега покажа подготвеност за компромиси за неутралноста, но сака посилни безбедносни гаранции од Западот.

Украина не попушти во зачувувањето на територијалниот интегритет на земјата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистира на можна средба со неговиот руски колега Владимир Путин, што Кремљ досега одбиваше да го земе предвид. Зеленски, пак, ги критикуваше руските војници во своето последно видео обраќање рано утринава.

„Тие продолжуваат да бараат измислени нацисти од кои очигледно планираат да го заштитат нашиот народ и сè уште не можат да најдат Украинци подготвени да ги пречекаат со цвеќиња“, рече тој.

На почеток